Skip to main content

УЛОГАТА НА СУДСТВОТО ВО ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Др. Ѓорѓи Марјановиќ, ред. професор
на Правниот факултет на Универзитетот
Св. Кирил и Методиј во Скопје

ПРИЛОГ КОН ДИСКУСИЈАТА
НА "ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ПРАВОТО"
Скопје, 17.11.1994


Во материјата на т.н. политички деликт често се цитира еден познат европски правник, кој рекол, "кога политиката ќе влезе во судницата, правдата бега преку прозорец!" На овие умни зборови се сеќавам токму затоа што комунистичките режими, насекаде во светот, судниците ги исполнија без остаток со политика. Како што е познато, судиите во нив (со чесни исклучоци, се разбира) беа избирани најмалу врз основа на своите професионални квалитети, а најмногу врз основа на својата "морално-политичка подобност", што ќе рече: врз основа на својата темелно проверена верност спрема комунистичката партија и нејзината политика.

Во контекстот на дискусијата што тука ја водиме ова сознание е од превосходно значење. Имено, составот на македонското судство, како што е исто така општо познато, до ден-денес е наполно неизменет. Затоа, се поставува прашањето: како да се оствари правда во едно високо политизирано, високо идеологизирано судство. Како да се оствари заштита на човековите права од судии што беа и (главно!) останаа во служба на една партија, на една единствена идеологија.

Ова "беа и (главно!) останаа во служба на една партија" го велам со полна свест за тежината на употребените зборови, а со примерите што ќе ги наведам, се надевам дека ќе ја докажам и нивната вистинитост. Притоа, овој исказ воопшто не е во противречност со фактот дека Македонија денес, според својот устав, претставува повеќепартиска држава: трите македонски партии, што ја сочинуваат и ќе ја сочинуваат владејачката коалиција, се само алотропски модификации на старата Комунистичка партија односно на Сојузот на комунистите на Македонија.

Ќе наведам само некои (за нас, овдешните) општопознати примери на јудикати во служба не на правдата, туку на интересот на владејачката партија одн. на владејачките партии!

Не е никаква тајна дека и во првите (како и во овие вториве) повеќепартиски парламентарни избори имаше бројни изборни фалсификати (казниви според чл. 77 од Кривичниот закон на Република Македонија), иако за нив никогаш не беше подигнато ниту едно единствено обвинение.
Во процедурата по жалба на еден од кандидатите, Врховниот суд на Македонија на 17 декември 1990 година донесе решение (УР. бр. 88/90) со кое во целост ги прифаќа неговите наводи за постоење 27 изборни фалсификати на две избирачки места,  утврдувајќи дека во избирачките списоци се заокружени имињата на гласачи што во времето на изборите биле на работа во СР Германија.

За највисокиот суд на Македонија, меѓутоа, овој изборен криминал (27-те несомнено докажани кривични дела!) не беше доволна причина за поништување на изборите. Од вака утврдената фактичка состојба тој го извлекол следниов заклучок:

"Со оглед на фактот што се во прашање само 27 лица" (а разликата во гласови меѓу жалителот и кандидатот што е избран изнесува преку 800 гласови!), оваа неправилност во конкретниот случај не може да биде причина за поништување на гласањето, зашто "битно не влијаела, ниту можела да влијае врз резултатот од изборот" (!?).

Притоа, судиите на Врховниот суд на Македонија не велат ништо за тоа колкав број вакви "ситни неправилности" треба да се кумулира за да може да се рече дека тие извршиле битно влијание врз исходот на гласањето, колкав е квантумот на судски утврдениот неморал и криминал за изборите да се оквалифицираат како нерегуларни.

На парцијалните избори во март 1994 година во скопската изборна единица 108 тогашниот претседател на Државната изборна комисија (исто така судија на Врховниот суд на Македонија), на барање од партиите на владејачката коалиција (!), дозволи избирачите да може да гласаат без каков и да е документ за идентификација (!?). По жалба на еден од оштетените кандидати Врховниот суд даде ново сведоштво за својата дијалектичка правна логика: тој (со решението Ур. бр. 1/94) наполно го прифати толкувањето на кандидатот дека "избирачкото право е строго лично право" и дека, според законот, е нужно да се утврди идентитетот на лицето кое се јавило да гласа, но изборите сепак не ги поништи. Според логиката на Врховниот суд на Македонија фактот дека тешко е повредена изборната процедура сé уште не значи дека изборите и навистина биле фалсификувани.

Затоа, не изненадува што партиите од владејачката коалиција, поддржувани од своите верни судии, на вторите парламентарни избори се впуштија во уште подрски изборни фалсификати, кои имаа за резултат - буквално укинување на опозицијата и (во суштината) повторно воспоставување на еднопартиско собрание. Само, овој пат постапката на фалсификувањето беше нешто поинаква!
Со оглед на фактот дека првиот повеќепартиски состав на парламентот не успеа да донесе нов закон за изборните единици, тие, наместо да останат онакви какви што беа дефинирани и омеѓени со стариот закон, беа административно изменети. Тоа беше флагрантно кршење на буквата на законот. Секој европски правник што држи до својот углед ова би го сметал за (нова!) суштествена повреда на изборната процедура и за доволна причина за поништување на изборите, но не и судиите на Врховниот суд на Македонија.

Понатаму, иако изборот на Претседателот на републиката и на Собранието на Република Македонија се вршеше според еден ист избирачки список, на крајот се појави една неверојатна, невозможна разлика од некои 50.000 лица, што наводно се јавиле да гласаат за Претседателот на републиката, а не се евидентирани дека гласале за парламентот (!?). На прашањето од новинарите како е можно вакво нешто, претседателот на Државната изборна комисија (се разбира, пак судија на Врховниот суд на Македонија) не умееше да даде никаков одговор.

И покрај сево ова, и вторите (како и првите парламентарни избори во Македонија) меѓународните (политички!) посматрачи ги оценија како "слободни и фер". Нив очигледно ги интересираше само една работа: дали албанското малцинство е задоволно или не со процедурата и резултатите. За друго беа апсолутно слепи и глуви. Некои од тие посматрачи (од дипломатскиот кор!) лично ги прашав дали во нивните земји избори со вакви неправилности би биле признати за регуларни. Одговорот беше мошне симптоматичен: "До вакви неправилности во нашата земја не може да дојде!" Со тоа јасно беше ставено на знаење дека Европа е едно, а Македонија нешто сосема друго. Quod licet Iovi, non licet bovi! Политиката пак триумфираше над правдата. Интересот (на Европа!) над човечките права!

Има само еден начин македонските судови да се натераат да ги штитат (наместо да ги кршат) човековите права: Република Македонија да биде примена во Советот на Европа за македонските граѓани да можат (откако ќе ги исцрпат сите внатрешни инстанции!) директно да му се обраќаат на Европскиот суд за човечки права! Само таа наднационална судска инстанција може да биде делотворен лек за тешко заболеното судство во Македонија.

За жал, и покрај тоа што ги исполнува сите нужни услови за прием, Република Македонија останува надвор од КЕБС, надвор од Советот на Европа. Причините за ова се исто така политички (грчкото вето и европската немоќ да излезе на крај со малиот балкански силеџија). И така уште кој знае колку пати, правдата (поради политиката!), мора да бега преку прозорец! Само, ова веќе не е срамота за Македонија. Ова е резил за старата европска демократија! Ова е причина за сомневање дека во Европа воопшто има морал, достоинство, правда кога е во прашање нејзиниот (егоистичен!) интерес. Ова, меѓутоа, е пред сé проблем на таа Европа таму...

Popular posts from this blog

§ 23 АМНЕСТИЈА И ПОМИЛУВАЊЕ

08.03.2002 Литература: Дамјановски, Два спорна питања у вези са применом закона о амнестији, Бил.-ЈНА, 3/1962; Милојковиќ, Казна строгог затвора од 20 година и помило¬вање, Рев-ЅУ 1/1965; Пихлер, Прилог расправи о помиловању, ПЖ 6-7/1981; Таа,ховиќ, Закон давања амнестије и помиловања, Ан. 3-4/1945;  Трифуновиќ, Уставно-правни и политичко-правни аспекти института помиловања, Рев-ЅУ 2/1973   1. Проблемот - Наеднаш, иако не и сосема неочекувано, прашањето за амнестијата стана топ-тема на македонската политичка сцена. Проблемов, инаку, од научна гледна точка, спаѓа во доменот на стабилната догматика и не предизвикува особени контроверзии. Поинаку речено, тука е кажано главно сѐ што во науката требало да се каже и нема изгледи некој “да открие Америка” со кој знае какви несогледани идеи. Од политичка гледна точка (ева!), во врска со обврската на Македонија да го исполни условот од охридскиот Рамковен договор (да им даде амнестија на сите учесници во немирите од 2001 годин...

СЕЌАВАЊА ЗА ЛИГАТА

(Прилози за историјата на Лигата за демократија) Кумановци први започнаа да го слават 21 ноември како ден на Лигата за демократија: тоа е денот кога беше сочинет нејзиниот прв пишан документ - политичката платформа. Иако одамна мислев да го сочинам тој документ, очигледно ништо не бидува без Божји поттик: една вечер на 21 ноември 1989 година (Свети Рангел), на враќање од барем три славски визити, внедоапица седнав и во еден здив (на искап, би рекле) напишав на еден лист хартија: ЛИГА ЗА ДЕМОКРАТИЈА Политичка платформа 1.        Во смисла на член 167 од Уставот на СФРЈ, а со цел да создадеме посовршено и посправедливо општествено-политичко уредување и да направиме од нашата заедничка татковина пристојно место за живеење во кое граѓанинот ќе ги ужива благодетите на извојуваната слобода и сите свои неотуѓиви природни права на човек и граѓанин, со целосно чувство на правна сигурност што му ја обезбедува владеењето на правото и исклучувањето н...