Skip to main content

§ 23 АМНЕСТИЈА И ПОМИЛУВАЊЕ


08.03.2002

Литература: Дамјановски, Два спорна питања у вези са применом закона о амнестији, Бил.-ЈНА, 3/1962; Милојковиќ, Казна строгог затвора од 20 година и помило¬вање, Рев-ЅУ 1/1965; Пихлер, Прилог расправи о помиловању, ПЖ 6-7/1981; Таа,ховиќ, Закон давања амнестије и помиловања, Ан. 3-4/1945;  Трифуновиќ, Уставно-правни и политичко-правни аспекти института помиловања, Рев-ЅУ 2/1973

  1. Проблемот - Наеднаш, иако не и сосема неочекувано, прашањето за амнестијата стана топ-тема на македонската политичка сцена. Проблемов, инаку, од научна гледна точка, спаѓа во доменот на стабилната догматика и не предизвикува особени контроверзии. Поинаку речено, тука е кажано главно сѐ што во науката требало да се каже и нема изгледи некој “да открие Америка” со кој знае какви несогледани идеи.
Од политичка гледна точка (ева!), во врска со обврската на Македонија да го исполни условот од охридскиот Рамковен договор (да им даде амнестија на сите учесници во немирите од 2001 година на албанската страна), се појавуваат неверојатен број отворени проблеми. Во последно време, албанската страна проблематизира практично сѐ: и тоа кој треба да ја добие оваа милост, за кои дела, од кое време. Министерот за правда (Албанец) инсистира врз некаква амнестија безбреговна и безгранична. Таа би ги опфатиле сите учесници во немирите од албанската страна, во која воопшто не би се знаело за кои кривични дела се дава таа милост, а да не зборуваме за тоа дека министерот не сака ни да чуе да се определи периодот и настаните на кои би се однесувал законот за амнестија.
Сево ова налага уште еднаш да се позанимаваме со ова прашање, за да не излезе дека сега Македонија ќе мора да го измислува она што во овој домен постои со векови. Зашто, како што е општо познато, амнестијата (заедно со помилувањето) е позната од најстари времиња наваму. Таа е еден од најстарите институти на милост на суверенот. Кант ќе рече: најчувствителното меѓу правата на владетелот. Да го преповториме она што главно може да се прочита во секој учебник по кривично право.
Во обата случаи (и кај амнестијата и кај помилувањето) се работи за обмислено откажување на државата од правото на казнување за извршени кривични дела. Големите злоупотреби на милоста на суверенот во минатото направија од помилувањето, пред сѐ, мошне дискутабилен правен институт што беше жестоко критикуван од страна на просветителите (Бекарија посебно) и укинат во францускиот револуционерен КЗ/1791. Укинувањето формално беше образложено со неговата несообразност со начелото на поделба на власта: со него шефот на извршната власт интервенира во една судска работа. Суштинско објаснување лежи во настојувањето да се спречи за в иднина уривањето на правдата преку произволни и неприфатливи помилувања. Сепак, ниеден поредок не можеше на долга патека да се откаже од овие два института. Милосрдието е неопходниот безбедносен вентил на правдата. Од амнестијата и помилувањето се очекува да ѝ овозможат на правдата да стане човечна, и покрај слепата крутост на законите; да се води сметка за сомневањата што остануваат по некои осуди, иако во начело за сите правосилни пресуди се врзува несоборливата правна претпоставка дека се исправни; да се овозможи простување, целосно или делумно, таму каде што тоа го оправдува задоволувачкиот почеток на извршувањето на казната (Воуин-Лйаутй, 147). Постојат, имено, ситуации во животот кога, поради изменетите општествено-економски или политички прилики во земјата, станува наполно несправедливо, а понекогаш дури и апсурдно, инсистирањето врз извршувањето на определени правосилни пресуди (како пример може да се наведат кривични дела што во меѓувреме се укинати). Има ли некаква смисла да се инсистира врз извршувањето на одлуките, што се однесуваат веќе укинати кривични дела, кога самото општество оценило дека тие не го загрозуваат? Понекогаш оправдувањето на овие институти мора да се побара во некои посебни државни (политички) интереси: едно лице може да биде фатено ин флагранти во шпионска активност, а државата сепак да не сака да ги жртвува своите добри односи и својата соработка со земјата на која н припаѓа шпионот по цена на неговото изведување пред суд и казнување. Понекогаш пак, затоа што за личноста на делинквентот се врзуваат лични заслуги од минатото или големи надежи што неговиот посебен талент (музички, литерарен и сл.) ѝ ги нуди на татковината. Друг пат овие институти може да се користат заради постигнување криминално-политички цели: да бидат стимуланс за добро поведение на затворениците, да речеме, што знаат дека со тоа може да спечалат казната да им биде простена (делум или во целост). И нешто повеќе од тоа: милоста претставува прифаќање на фактот дека нашиов свет не е само свет на правото (според максимата "Fiat iustitia, pereat mundus, переат мундус", нека биде правда, макар пропаднал светот), туку дека, покрај правото, постојат и други вредности на кои можеби ќе треба да им се помогне да бидат уважувани наспроти правото (Радбрух, 224). 

2. Амнестија - Амнестијата е акт со кој на поименично неопределен број лица им се дава ослободување од гонење (аболиција) или целосно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата. Давањето амнестија спаѓа во надлежност на Собранието на Република Македонија (чл. 68 ст. 1 ал. 18 УРМ). а правна мрзливост. Не беше тешко, имено, да се заклучи Еднаш дадена, амнестијата не може да се отповика, без оглед на тоа колку е евентуално лошо и непримерено поведението на лицата на кои им е доделена. Со давањето амнестија не се засега во правата на трети лица што се засновуваат врз осудата (чл. 115 КЗ). Толкувањето на одредбава, меѓутоа, мора да биде екстензивно со оглед на тоа што амнестијата може да значи и ослободување од гонење, кое го спречува донесувањето мериторна одлука: третите лица и во ваков случај имаат право да бараат признавање на определени права, што за нив произлегуваат од фактот на извршувањето на делото опфатено со актот на амнестијата (надомест на штета, враќање на работа, поништување некоја правна зделка и сл). 

3. Помилување - За разлика од амнестијата, помилувањето се однесува на поименично определено лице. И тоа може да значи ослободување од гонење или целосно или делумно ослободување од извршување на казната, замена на изречената казна со поблага казна или со условна осуда или бришење на осудата, укинување односно смалување на траењето на определена правна последица од осудата или на мерката на безбедност. Кога станува збор за мерките на безбедност што може да бидат укинати или смалени по однос на траењето преку помилување, законот изречно ги споменува забраната на вршење професија, дејност или должност, забраната на управување со моторно возило на сторителите што се професионални возачи и протерување на странец од земјата.  Давањето помилување спаѓа во надлежност на Претседателот на Република Македонија (чл. 84 ал. 10 УРМ). Со оглед на тоа дека со помилувањето еден управен акт го поништува или трансформира "функционалниот" идентитет на судската одлука, нејзиното правно дејство или барем нејзиното основно правно дејство (т.е. она што се однесува на кривичната санкција), така што се јавува како сила над судот, а понекогаш и над законот, оправдано е залагањето на теоријата за рестриктивна примена на овој институт (Пихлер, 687). И помилувањето е неотповиклив акт, без оглед на подоцнежното поведение на помилуваниот. Лицето комушто му е дадено помилување (како ни амнестираниот, впрочем) не може да го одбие. И тука со давањето помилување не се гиба во правата на трети лица што се засновуваат врз осудата, односно врз извршувањето на едно кривично дело.

Popular posts from this blog

УЛОГАТА НА СУДСТВОТО ВО ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Др. Ѓорѓи Марјановиќ, ред. професор на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје ПРИЛОГ КОН ДИСКУСИЈАТА НА "ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ПРАВОТО" Скопје, 17.11.1994 Во материјата на т.н. политички деликт често се цитира еден познат европски правник, кој рекол, "кога политиката ќе влезе во судницата, правдата бега преку прозорец!" На овие умни зборови се сеќавам токму затоа што комунистичките режими, насекаде во светот, судниците ги исполнија без остаток со политика. Како што е познато, судиите во нив (со чесни исклучоци, се разбира) беа избирани најмалу врз основа на своите професионални квалитети, а најмногу врз основа на својата "морално-политичка подобност", што ќе рече: врз основа на својата темелно проверена верност спрема комунистичката партија и нејзината политика. Во контекстот на дискусијата што тука ја водиме ова сознание е од превосходно значење. Имено, составот на македонското судство, како што е исто та...

СЕЌАВАЊА ЗА ЛИГАТА

(Прилози за историјата на Лигата за демократија) Кумановци први започнаа да го слават 21 ноември како ден на Лигата за демократија: тоа е денот кога беше сочинет нејзиниот прв пишан документ - политичката платформа. Иако одамна мислев да го сочинам тој документ, очигледно ништо не бидува без Божји поттик: една вечер на 21 ноември 1989 година (Свети Рангел), на враќање од барем три славски визити, внедоапица седнав и во еден здив (на искап, би рекле) напишав на еден лист хартија: ЛИГА ЗА ДЕМОКРАТИЈА Политичка платформа 1.        Во смисла на член 167 од Уставот на СФРЈ, а со цел да создадеме посовршено и посправедливо општествено-политичко уредување и да направиме од нашата заедничка татковина пристојно место за живеење во кое граѓанинот ќе ги ужива благодетите на извојуваната слобода и сите свои неотуѓиви природни права на човек и граѓанин, со целосно чувство на правна сигурност што му ја обезбедува владеењето на правото и исклучувањето н...